Со цел континуирано унапредување на стручните способности на персоналот од родот врски, во периодот од 23 до 25 септември 2026 година, во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, беше реализиран курс за фреквентен менаџмент.
На тридневната обука учествуваа девет слушатели од командите и единиците на Армијата, кои преку теоретски и практични содржини ги надградија своите знаења во областа на управувањето со радиофреквенцискиот спектар. Обуката беше спроведена од страна на припадници на Командата за обука и доктрини.
Фокусот на курсот беше ставен на оспособување на персоналот за правилно планирање, управување и користење на доделените радиофреквенции, како и на примена на соодветните процедури при работа во различни оперативни услови.
Особено значење во обуката имаше подготовката за работа во НАТО средини и за време на извршување мировни операции. Во тој контекст, слушателите се запознаа со стандардите и практиките за фреквентно менаџирање што се применуваат во НАТО, со цел стекнатите знаења да можат ефикасно да ги применуваат при извршување на своите задачи.
По успешно завршување на курсот, на слушателите им беа доделени сертификати од страна на командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој воедно им посака стекнатите знаења да ги применат во своето понатамошно професионално работење и во извршувањето на задачите во единиците на Армијата.
С/Г









