Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија Д-р Саит Саити, придружуван од претседателот на општинската организација на Црвениот Крст на општина Штип, Кирил Цуцков, секретарот на општинската организација на Црвениот Крст на општина Штип, Никола Камчев и учениците од општинските училишта од Штип, волонтери на Црвениот Крст беа во посета на касарната „Јане Сандански” во Штип.
Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија на командантот на 2. механизиран пешадиски баталјон, потполковник Горан Петрушевски му врачи Признание за посебен придонес во промоција на хуманоста, меѓусебната соработка и ангажирање за време на елементарните непогоди и промовирање на крводарителството.
Во изјавата за медиумите Д-р Саити ја истакна благодарноста за придонесот што припадниците на армијата го имаат во крводарителството, за несебичната помош и заедничкото дејствување во справувањето со елементарните непогоди на целата територија на Република Македонија.
Командантот на баталјонот се заблагодари на признанието и истакна дека припадниците на единицата се секогаш тука и подготвени за справување со елементарните непогоди, а нивната хуманост во крводарителството е позната и препознатлива во јавноста. Ова не е одлика само на припадниците на оваа единица туку е одлика на сите припадници на Армијата.