Во издвоениот објект во Отовица, во рамки на гарнизонот Велес, успешно е саниран дефектот во водоводната мрежа, со што повторно е обезбедено непречено снабдување со питка вода од градскиот водовод.
Благодарение на заедничкиот ангажман и одличната координација, водоводната линија е пуштена во употреба, што претставува клучен чекор кон значително подобрување на условите за престој и функционирање на објектот каде припадниците на Армијата секојдневно ги извршуваат своите задачи.
Реализацијата на оваа активност е резултат на посветеноста и вложените напори на командите и единиците на Армијата и Министерството за одбрана, во соработка со Општина Велес и ЈКП „Дервен“ -Велес.
Паралелно со решавањето на водоснабдувањето, интензивно продолжуваат и активностите за дополнително уредување, реконструкција и подобрување како на надворешниот дел, така и на внатрешноста на просториите во објектот.
Оваа реализирана активност е уште една од бројните успешни соработки во рамки на цивилно-воената соработка, која уште еднаш ја потврдува важноста на овој двонасочен процес што носи взаемни придобивки како за граѓаните и локалната заедница, така и за Армијата.








