Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, се реализираше свечената церемонија по повод затворањето на Ренџерските игри 2026, со што официјално заврши дванаесетото издание на Ренџерските игри исполнети со предизвици, натпреварувачки дух и силна тимска енергија.
Игрите поминаа во знакот на спортскиот дух, тимската соработка, дисциплината, издржливоста и меѓусебната почит. Во рамки на завршната церемонија беа прогласени трите најдобро пласирани екипи, како и прворангираните, второрангираните и треторангираните натпреварувачи во поединечна конкуренција.
За победник на овогодишните Ренџерски игри е прогласена екипата на Воената полиција, второто место ѝ припадна на екипата на ЕБР, додека третото место го освои екипата на Интервентната полиција.
Ренџерските игри уште еднаш ја потврдија важноста на заедништвото, професионалноста и подготвеноста за совладување на најразлични предизвици. Покрај натпреварувачкиот карактер, игрите претставуваат можност за размена на искуства, зацврстување на пријателствата и градење на меѓусебна доверба помеѓу припадниците на различните единици.








