Генералштабот на Армијата, согласно Упатството за раководење со обуката во Армијата, со најодговорните лица за изведување на обука во Армијата ја реализираше годишната конференција за обука и вежби.
На почетокот на конференцијата, во воведното обраќање директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески истакна дека планирањето на годишните активности за обука и вежби претставува клучна компонента за достигнување на потполна обученост на припадниците во командите и единиците на Армијата за извршување на мисијата и задачите.
На конференцијата за обука и вежби, покрај началникот на секцијата за обука и вежби од Генералштабот, полковник Владимир Стојановски, присуствуваа претставници од организациските единици на Генералштабот, началниците на секциите одговорни за обука и вежби од потчинетите команди и единици и главниот подофицер на Армијата.
Претставниците на потчинетите команди и единици, на денешната конференција ги презентираа предлог-плановите за реализација на индивидуална, колективна обука и вежби во 2022 година, како и оперативните побарувања и потребните количини на артифиции за поддршка на обуката.
Во рамки на денешната конференцијата се изврши и планирање на буџетирањето преку координација на проектите и активностите во согласност со планираните финансиски средства за следната година.
На крајот од конференцијата беа донесени заклучоци и предлози за подобрување и надминување на предизвиците во процесот на обуката.