Припадници на Армијата учествуваа на најголемата НАТО вежба за интероперабилност – Coalition Warrior Interoperability eXploration, eXperimentation, eXamination eXercise (CWIX 2026), која се реализираше во периодот од 8 до 26 јуни 2026 година во Заедничкиот центар за обука на силите (Joint Force Training Centre – JFTC) во Бидгошч, Република Полска.
Вежбата, организирана од Сојузничката команда за трансформација на НАТО (Allied Command Transformation – ACT), обедини околу 4.000 учесници – оператори, инженери и специјалисти од повеќе од 41 сојузничка и партнерска држава, со цел тестирање, верификација и унапредување на интероперабилноста на информациските системи за командување и контрола, како и комуникациските технологии.
Во текот на вежбата беа реализирани повеќе од 25.000 тестирања во 20 функционални области, кои ги опфатија сите пет оперативни домени. Резултатите од тестирањата придонесуваат за понатамошно подобрување на способностите на сојузничките и партнерските армии за безбедно споделување информации, интегрирано дејствување и ефикасно извршување на заеднички операции.
Фокусот на припадниците на Армијата беше кон тестирање, верификација и унапредување на интероперабилноста на националните способности со НАТО стандардите, преку размена на информации, подобрување на заедничката оперативна слика, поддршка на процесите на донесување одлуки и зајакнување на одбранбените сајбер способности во рамки на концептот за Мултидоменски операции (Multi-Domain Operations).
Учеството на Армијата на CWIX 2026 претставува уште една потврда на нејзината посветеност кон исполнување на НАТО стандардите, развојот на интероперабилни способности и придонесот кон колективната безбедност на Алијансата.








