Заменик началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, ја предводеше делегацијата од Армијата на Република Северна Македонија која присуствуваше на свечената церемонија по повод примопредавање на должност командант на операцијата на НАТО- КФОР во Косово.
На активноста која се реализира во главната команда на операцијата во Приштина, должноста командант на КФОР од досегашниот командант генерал-мајор Анџеле Рустичја ја презеде генерал-мајор Озкан Улуташ со што се означи и преземање на раководењето на КФОР од италијанските вооружени сили на турските вооружени сили.
Во рамки на активноста, генералот Нуредин оствари и работна посета и средба со припадниците од македонскиот контингент кои извршуваат должности во операција КФОР во регионалната команда –запад во Пеќ.
За време на посетата на регионалната команда –запад, генералот Нуредин оствари и кратка средба со командантот на оваа команда која е под раководство на италијанските вооружени сили, полковник Габриеле Вака, на која се разговараше за активностите и извршување на задачите на нашиот контингент во операцијата.
Армијата на Република Северна Македонија ја отпочна мисијата во ноември 2020 година, со контингент од 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување. Од април 2021 година придонесот во НАТО операцијата „КФОР“ е зголемен со дополнителен вод со што нашето учество достигна 65 припадници.
Водовите за обезбедување во командата на КФОР – „Запад“ ги извршуваат задачите заедно со припадници на Армиите на Италија, која е носечка земја за овој сектор и припадници на Армиите на Австрија, Хрватска, Молдавија, Полска, Словенија, Швајцарија и Турција.