Врз основа на меѓуармиската соработка со вооружените сили на Канада во период од 29.01. до 09.02.2024 година во Скопје се реализираше курс за процесот на планирање на вежби (Exercise Planning Process Course – EPPC 2401). На курсот кој е во организација на Директоратот за воена обука и соработка од ВС на Канада, учествуваа вкупно 37 слушатели од Армиите на Република Северна Македонија, Литванија, Полска, Украина, Грузија и Босна и Херцеговина, додека како инструктори беа припадници од Армиите на Грузија и Украина, а главен инструктор беше полковникот Ивица Цветковски од командата за операции.
Курсот е дизајниран да развие разбирање на НАТО процесот на планирање на вежби според директивата за колективна обука и вежби 75-3 (Bi-SCD 075-003), основните принципи, методи и побарувања кои би имале важно учество во планирањето и реализацијата на вежбите. Истиот се реализира преку теоретски предавања и практична работа каде учесниците беа поделени по групи. На крајот истите ја презентираа својата работа пред целиот аудиториум.
За време на затворањето на курсот од страна на директорот на генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски, и директорот на Директоратот за воена обука и соработка од вооружените сили на Канада се доделија сертификати на учесниците.
Овој курс претставува почеток на планирањето на вежбата „Maple Arch 24“ која ќе се реализира во период од 25.11. – 06.12.2024 година во Центарот за симулации во Велес.
Во продолжение на курсот, а во рамките на планирачкиот процес за вежбата „Maple Arch 24“, во период од 12. – 14.02.2024 година се реализираше и конференција за спецификација на вежбата.