Постојаното усовршување и подобрување на вештините и способностите на армискиот персонал, кој извршува задачи од доменот на сајбер-безбедноста, преку учество на вакви специфични вежбовни активности, има значење за Армијата, но и за севкупната сајбер- безбедност на државата.
Токму од таа причина, но и за зајакнувањето на меѓусебната доверба за градење на колективната сајбер-одбрана со земјите членки на НАТО и земјите партнери, учеството на персонал од состав на Армијата кој е вклучен во извршување на задачите од доменот на сајбер-одбраната на најголемата сајбер-вежба „ARSC2EX 24“, која се одржа во регионот во периодот од 24 јуни до 5 јули, во Постојна, Република Словенија е од особено значење.
Покрај припадниците од нашата Армија на регионалната сајбер-вежба учествуваа и припадници од шест држави од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Словенија, Хрватска и Црна Гора), како и нивните земји партнери од САД (Ајова, Минесота, Мериленд, Мејн, Колорадо и Њу Џерси). Целта на оваа вежба беше зајакнување на способностите на учесниците во активно следење и реакција на сајбер-заканите и подобрување на соработката и споделувањето на информации меѓу сојузничките нации во заштита на сајбер-просторот.
Во почетната фаза од вежбата, учесниците стекнуваа нови знаења за користење на напредни безбедносни алатки и техники за откривање и спречување на сајбер-напади, по што следуваше симулирање на вистински сајбер-инциденти, каде што учесниците ги бранеа своите мрежи, откриваа напади и ги елиминираа истите. Вежбата имаше низа реални сценарија, кои им овозможија на учесниците да ги тестираат своите вештини за решавање на сложени сајбер-безбедносни предизвици.
На крајот од вежбата, учесниците демонстрираа вештини и стекнати нови знаења кои се клучни за идните задачи во областа на сајбер-безбедноста. На затворањето присуствуваа претставници од земјите учесници, меѓу кои и началникот на секцијата за комуникациски и информациски системи и сајбер-одбрана во Генералштабот, полковник Блажо Георгиевски. Претставниците на армиите учеснички беа брифирани за текот и целите на вежбата и постигнатите резултати за време на вежбата, кои ќе придонесат за поефективни заеднички одговори на сајбер-заканите во сајбер-просторот.
Сајбер-одбраната е особено значајна компонента на модерната воена стратегија и е од суштинско значење за заштита на оперативната подготвеност, безбедноста на информациите и технолошката супериорност на воените организации во услови на постојани сајбер-закани.