Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост по повод примопредавање на претседавањето со Управниот одбор на Балканските медицински наменски сили (БМНС), примопредавање на должноста Командант на БМНС, како и примопредавање на позицијата „рамковна земја“ на БМНС. Со оваа свеченост, земјава го презема командувањето со БМНС и позицијата „рамковна земја“, додека претседавањето со Управниот одбор го презема Словенија.
На свеченоста на која присуствуваа заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, началникот на генералштабот на Армијата, генерали во Армијата, претставници на земјите-членки на БМНС, воено-дипломатски кор и други гости, се нагласи значењето на нашата земја како домаќин на Постојаната организација, што претставува признание и доказ за нашата улога како доверлив партнер и држава која верува во дијалогот, соработката и заедничките решенија.
На примопредавањето свои обраќања имаа и досегашниот командант на БМНС, полковникот Вељко Милиќ и новопоставениот командант полковникот Драганчо Војнески.
Во рамки на свеченоста беа одбележани и два значајни јубилеи – 15 години од покренувањето на иницијативата за формирање на БМНС и 10 години од воспоставувањето и отворањето на Постојаната организација на БМНС со седиште во Скопје, а беа доделени и плакети на лица заслужни за развој на оваа иницијатива во изминатиот период.








