Голем број на припадници од командите и единиците на Армијата, традиционално и оваа година под мотото „Пријателство преку спорт“, по деветнаесетти пат го започнаа одбележувањето на „18 февруари – Ден на Меѓународните воени спортови“.
На свеченото отворање на оваа спортска манифестација, на Воениот стадион во Градскиот парк присуствуваа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот , генерал-мајор Зоран Милески, државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, директорот на Факултетот за физичко образование и претставници од Генералштабот и МО.
Министерката Петровска, пред почетокот на натпреварите, истакна дека припадниците на Армијата се чувари на безбедноста на граѓаните, со својата силна волја, мотив, но и врвната физичка подготвеност и инвестирањето во секој еден од нив е најважната инвестиција за нашата држава.
Воедно на церемонијата на отворање на игрите, на капетанот Жан Тосев за неговите високо постигнати резултати, од страна на заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Нуредин му беше доделено признание за најдобар спортист од Армијата за 2022 година.
По завршувањето на натпреварите во повеќе дисциплини: фудбал, кошарка, атлетика и пинг-понг, во поединечна и екипна конкуренција, на победниците ќе им бидат доделени признанија.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, и оваа година одбележува 75 години од неговото формирање, а Армијата e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.