Настапот на Воениот оркестар и интонирањето на германската химна предизвикаа посебно внимание во германските медиуми кои го придружуваа канцеларот Олаф Шолц при кусата посета на Македонија минатиот викенд. Според весникот Шпигел, најсветлата точка на балканската турнеја на канцеларот Шолц била токму изведбата на националната химна на Германија од страна на македонскиот воен оркестар.
Текстот на германски „Шпигел“, насловен како „Германец со надеж во багажот“, започна со констатација на новинарката Мелани Аман, еден од репортерите во бројната новинарска екипа што го придружуваше канцеларот на балканската турнеја, дека најсветлата точка на целото патување била – извонредната изведба на националната химна на Германија од страна на воениот оркестар во Скопје!
„И победникот е… Воениот оркестар во Северна Македонија. На ниту една друга станица од патувањето на канцеларот Олаф Шолц на Западен Балкан, германската национална химна не звучеше толку силно и заносно како во Скопје“, напиша новинарката Аман.
И други присутни германски дипломати, политичари и новинари на официјалниот пречек на Шолц пред седиштето на македонската Влада во Скопје биле воодушевени од протоколарното поздравно свирење на државните химни на Германија и Северна Македонија пред почетокот на разговорите помеѓу германскиот канцелар Шолц и неговиот македонски колега Ковачевски.
Диригентот на Воениот оркестар, потполковник Горан Илијевски во разговор за НоваТВ изрази големо задоволство од таквото признание. „Оваа оценка претставува многу значајно признание и чест за нас“, вели тој.
Подготовките што ги правел Воениот оркестар за дочекот на германскиот канцелар и за интонирањето на германската химна, додава потполковникот диригент, биле темелни и се одржувале со посебно внимание и одговорност, и затоа се горди на укажаниот комплимент.
„Тоа е признание за посветеноста со која пристапуваме при изведба на химните за време на официјалните државни пречеци со воени почести“, ни рече Илијевски.
Скромноста со која е прифатено ова несомнено светско признание, е уште една потврда дека диригентот и неговиот оркестар се посветен и функционален тим.
Воениот оркестар на Армијата, како што ни открија од Армијата, е во состав на Баталјонот за почести и учествува на воени свечености, прослави на денови на армиски единици, одбележување на значајни датуми и при оддавање на воени почести и церемонии. За да се стане музичар во воениот оркестар треба да се има предходно завршено соодветно музичко образование со отсек за дувачки и ударни инструменти. Кандидатите, ни рекоа, треба да поседуваат здравствена и психофизичка способност, како и секој друг кандидат што аплицира за вработување во Армијата.
„Музичките инструменти кои се користат во воениот оркестар мора да поседуваат високи стандарди, да се со проверен квалитет и правилно да се одржуваат и сервисираат“, одговори потполковник Илијевски на нашето прашање да ни открие повеќе за тоа како функционира неговата армиска „единица“ чие главно оружје е музиката а не куршумите.
„Инструментите се предуслов за квалитетот на изведбата, но ние секогаш потенцираме дека човечкиот потенцијал на воениот оркестар е тоа што всушност ја прави разликата до исклучителност“, ни открива Илијевски.
Воениот оркестар е единствен дувачки професионален оркестар во државата кој извршува протоколарни задачи со учество на државни настани, на воени свечености и церемонии. Има соработка со припадници на оркестри од партнерски држави преку организација на јавни настани и концерти со разновидна музичка програма и репертоар. Македонскиот воен оркестар во неколку наврати веќе има одржано заеднички концерти во Скопје со воените оркестри на САД, Бугарија и Грција, како и со норвешкиот воен оркестар кој е составен дел на Кралската гарда на Норвешка.
Тоа доволно говори за музичката синхронизираност со воените оркестри од светот, и е уште една потврда за големиот успех што ја следи работата на Воениот оркестар при Армијата на Република Северна Македонија.
„Кон овие ангажмани секогаш пристапуваме со посебен ентузијазам, со креативност во интерпретација на самите дела, со професионалност во подготовките и со особена посветеност при изведбата. Затоа сметаме дека концертите и јавните настани се наш промотор и дел од наследството кое останува во соодветна форма на запис за идните генерации“, ни рече армискиот потполковник Горан Илијевски кој е диригент на Воениот оркестар.
М.T.
Извор: Нова ТВ