Согласно предвидените активности на вежбата „Dragoon Guardian 17“ на Армискиот полигон Криволак се реализираше Ден за Високи Посетители и отворен ден за медиумите, на кој од страна на припадниците на АРМ и Армијата на САД се изврши приказ на пронаоѓање и постапка со неексплодирани импровизирани експлозивни средства и изработка на полетно слетна патека за безпилотни летала.
На денешните активности покрај Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и Началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски присуствуваше и Премиерот на Владата на Република Македонија, Амбасадорот на САД во Р. Македонија Н.Е Џес Бејли, Министри од Владата, Асоцијацијата на воени аташеи и други високи личности од воениот и политичкиот врв во Република Македонија.
По завршување на приказот на активностите од страна на премиерот Заев во изјавата за медиумите се истакна улогата на АРМ која се носи рамо до рамо со армијата на САД, како и дека припадниците на АРМ преку учество на вакви вежбовни активности го отвораат патот до НАТО.
Преку меѓусебното споделување на искуствата и меѓусебната интероперабилност на оваа билатерална вежба на која учествуваат припадници на АРМ од инженерискиот баталјон и четата АБХО од 1.механизирана пешадиска бригада и припадниците на инженерискиот сквадрон „2nd Cavalry engineering Squadron“ од копнените сили на Армијата на САД за Европа е една од главните цели кои се постигнува на оваа заедничка вежбовна активност.
Заедничката вежба на Армијата на Република Македонија и на Армијата на САД во Европа „Dragoon Guardian 17“ која ќе се одржува до 10.08.2017година, покрај изведување на вежбовните активности на АП Криволак, со кои се достигнува интероперабилноста во стандардните оперативни процедури, подобрување на и унапредување на заемното разбирање и меѓусебната соработка, има и димензија на поголема транспарентност и приближување на армиските активности до граѓаните.
Во тој контекст двете армии досега имаа заеднички приказ на моторни возила и опрема пред граѓаните на Куманово, Скопје, Штип и Велес, а преостануваат исто такви активности и во градовите Струмица и Струга.