Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета на Црна Гора во текот на денешниот ден оствари средба со началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора, бригаден генерал Зоран Лазаревиќ.
По приемот со високи воени почести, генералите Ѓурчиновски и Лазаревиќ, разговарале за повеќе прашања меѓу кои: збогатување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, како и можностите за нови облици на соработка преку заедничко изведување на обука и користење на капацитетите.
Генералите Ѓурчиновски и Лазаревиќ истакнувајќи ја одличната досегашната билатерална воена соработка, ја потврдиле својата посветеност да продолжат да се ангажираат во подобрување на безбедноста во регионот преку зајакнување на своите капацитети за одбрана и одвраќање.
Генералот Ѓурчиновски истакнал дека е особено задоволен што на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ почнувајќи од 2010 година во континуитет се школуваат црногорски питомци кои стекнатото знаење успешно го применуваат во својата кариера во војската на Црна Гора.
Од страна на претставници од ГШ на Војската на Црна Гора пред нашата делегација се презентирани и активностите кои ги има Војската на Црна Гора во однос на начинот на подготовките и учество во мировните операции, како и предвидените вежбовни активности и планираното приклучување на состави од војската на Црна Гора во борбената групи на НАТО во Бугарија.
Соработката помеѓу Армијата на Република Северна Македонија со Војската на Црна Гора се реализира преку повеќе активности, пред се во изведување на заедничка обука, користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак, како и во военото образование.
Генералот Ѓурчиновски за време на престојот во Црна Гора ќе учествува на Конференцијата на началници на Генералштабови на Армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) која ќе се одржи во Будва во период од 21 до 23 септември.