На ден 22.07.2026 година во Командата за операции се одржа проштална средба помеѓу командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, и одбранбеното аташе на Република Турција, полковник Реџаи Јилмаз, кој ја завршува својата дипломатска и воена мисија во Република Северна Македонија.
За време на средбата, генералот Ѓоргоски изрази благодарност за неговиот професионален ангажман, посветеност и придонес во унапредувањето на билатералната воена соработка помеѓу армиите на двете пријателски и сојузнички земји. Беше истакнато дека во изминатиот период, преку интензивна комуникација и взаемна поддршка, успешно беа реализирани повеќе активности кои придонесоа за зајакнување на оперативната соработка, размената на искуства, обуката и развојот на партнерските односи во духот на НАТО-сојузништвото.
Командантот на Командата за операции нагласи дека Република Турција претставува значаен стратешки партнер и долгогодишен поддржувач на развојот и модернизацијата на Армијата, при што изрази уверување дека воспоставената соработка ќе продолжи да се развива и во иднина, врз основа на меѓусебна доверба, почит и заеднички интереси.
Во рамките на својата проштална посета, одбранбеното аташе оствари средби и со командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, како и со заменик-командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Игор Чкоров. На средбите беа сумирани резултатите од досегашната соработка и беа разменети мислења за понатамошно продлабочување на професионалните врски меѓу единиците на Армијата и вооружените сили на Република Турција.
Одбранбеното аташе, од своја страна, изрази благодарност за укажаната доверба, поддршката и исклучително добрата соработка што ја имаше со припадниците на Командата за операции и Армијата за време на неговиот мандат.








