Во согласност со Годишниот план за обука, клучниот персонал на Командата за операции (КО), предводен од командантот, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, на 7 и 8 јули 2026 година реализираше месечно реферирање и командантско извидување.
Активноста беше насочена кон унапредување на познавањето на теренот, развивање на способностите за планирање и донесување одлуки, како и подобрување на координацијата и синхронизацијата помеѓу организациските единици на Командата за операции. Извидувањето се реализираше по копнен пат со теренски воени моторни возила JLTV.
Во текот на практичниот дел од активностите, командантите и началниците на секциите на КО ги запознаа учесниците со карактеристиките на теренот, при што беа разгледани активностите поврзани со планирањето и организацијата на операциите, логистичката поддршка, комуникациите и соработката со релевантните институции.
Ваквите активности претставуваат значаен сегмент од процесот на обука и придонесуваат за одржување и понатамошен развој на оперативната подготвеност и професионалните способности на персоналот на Командата за операции.








