Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес (2-ри септември 2014 година), оствари средба со штабните офицери од составот на АРМ, кои во наредните шест месеци ќе бидат распоредени во рамките на регионалната команда на ИСАФ-Север, во Мазар Ел Шариф, Авганистан, која е во надлежност на Вооружените сили на СР Германија.
Тимот на АРМ кој е составен од пет штабни офицери со различни специјалности, во наредните шест месеци ќе извршува задачи за обука, асистенција и советување на Авганистанските безбедносни сили.
Генералот Котески на штабните офицери им посака успешна работа, при што ги нагласи важноста, сериозноста и професионалното извршување на задачите, истакнувајќи го фактот дека високите оценки и високата обученост на припадниците на АРМ, претставуваат најдобрата афирмација на Република Македонија и АРМ.