На 15 октомври 2026 година, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ – Петровец, со воена свеченост беше одбележан 15 октомври, ден на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ).
На свеченоста присуствуваа командантот на 1.пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на воздухопловниот ВИНГ полковник Драган Павловски, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Командата за операции, претставници од командите на други единици на Армијата, како и претставници од М-НАВ.
Командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, во своето обраќање се осврна на важните чекори во развојот на единицата и нејзиното постепено вклучување во современите НАТО системи за набљудување и контрола на воздушниот простор. Тој нагласи дека „денес единицата се соочува со уште поголеми современи предизвици во координација и соработка со НАТО Алијансата“ при што „новите воздухоплови и системите за противвоздушна одбрана, како и надлежностите и функционирањето на Центарот за командување и контрола ќе овозможат да го прошириме и адаптираме спектарот на нашите мисии и задачи, со цел да бидеме подготвени да го одбраниме територијалниот и воздушниот суверенитет и интегритет на нашата татковина и на нашите сојузници“.
Во своето обраќање, командантот на бВНЈ, потполковник Ќемал Џафери, истакна дека изминатата година ја одбележаа и активности што претставуваат значаен чекор напред во развојот на нашите оперативни способности. Воедно, тој посочи дека во наредниот период „во согласност со потпишаниот Технички аранжман со Република Италија, како втора НАТО-земја во рамките на мисијата за воздушно патролирање, продолжуваме со активностите поврзани со воздушното патролирање во националниот воздушен простор. Исто така нагласи дека „посебно значење имаат активностите за подигнување и ставање во функција на новиот Центар за командување и контрола со воздушниот простор, како и интензивирање на комуникацијата и координацијата со НАТО-агенциите и со М-НАВ, со цел унапредување на оперативната работа и зголемување на ефикасноста на системот“.
На крајот од свеченоста, на припадниците на баталјонот кои со својата работа и ангажираност оствариле забележителни резултати им беа доделени стимулативни мерки, како признание за нивниот професионализам, посветеност и успешно извршување на задачите.








