Денес во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот за почести (бП) со воена церемонија го одбележаа 11 ноември – Денот на единицата. По тој повод пред присутните се обратија заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на бП, потполковник Дејан Величковски.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин честитајќи им го Денот на единицата на припадниците на Баталјонот за почести, истакна дека бП како најпрепознатлива и една од најрепрезентативните единици на Армијата, не само што претставува симбол на воената дисциплина и професионалност, туку и на сите вредности што го чуваат достоинството и честа на нашата Армија.
„Како горди носители на државните обележја од вас очекувам да продолжите да ги одржувате воспоставените високи стандарди со доследно применување на гардискиот кодекс и беспрекорно извршување на сите поставени задачи“, додаде генералот Нуредин.
Обраќајќи се пред припадниците на баталјонот, командантот на единицата, потполковник Дејан Величковски ја истакна честа што командува со единица, која во своите редови има скромни и посветени луѓе коишто безрезервно придонесуваат кон биографијата на единицата и остварувањето на нејзината мисија. Меѓу другото тој на гардистите им порача да ја одржуваат цврсто нивната самодоверба, личното и колективното вреднување, како и заемната доверба со демонстрација на трајната определеност кон нивниот етос „Онаму кај што е еден, таму сме сите!”
По повод Денот на единицата се одржаа спортски натпревари на кои им се врачија дипломи и пехари на најдобрите екипи, а беше прогласен и најдобар вод, со што беше нагласена и заложбата на командантот за континуирано подобрување на психофизичката подготвеност на персоналот. Беа доделени и стимулативни мерки на поединци, кои во изминатиот период особено се истакнале во извршувањето на задачите.
На свеченоста покрај заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваа и претставници од командите и единиците од составот на Армијата, аѓутантката на претседателката и голем број поранешни припадници на бП, кои со својот труд и заложба оставиле белег во идентитетот на единицата.
Баталјонот за почести го прославува Денот на единицата како носител на традициите на Првата македонско-косовска ударна бригада која е формирана на 11 ноември во 1943 година, во селото Сливово.