Денес, на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, се одбележа „18 февруари – Денот на Меѓународниот совет за воени спортови (МСВС)“. Спортскиот ден, кој по десетти пат се одвиваат во АРМ, го отвори командантот на Здружено оперативната команда на АРМ, генерал-мајор Методија Величковски.
На свеченото отворањето, генералот Величковски пред спортските екипи нагласи дека денешниот ден претставува значаен сегмент во обуката и развитокот на борбената готовност на АРМ. На денешните победници им порача дека нивната победа треба да ги одликува една рамноправна, но чесна игра, одлика на армиската професија. Генералот Величковски истакна дека преку ваквите натпревари ќе се изврши селекција и ќе се одредат претставници на АРМ кои ќе ја претставуваат нашата армија на шестата воена олимпијада која ќе се одржи оваа година во Јужна Кореја.
Покрај натпреварите, на денешната свеченост, професионалниот војник Игор Цветановски од полкот за Специјални Операции беше прогласен за „Спортист на годината 2015“. Оваа титула тој ја доби за неговото залагање за развојот на спортот во АРМ. По овој повод генералот Величковски му додели диплома и пехар со амблем на МСВС.
Овој спортски настан денес истовремено се одржува во сите гарнизони на АРМ, каде над 3000 припадници на АРМ под мотото „СПОРТ ЗА СИТЕ“ се натпреваруваат во следните дисциплини: крос на 8 km за мажи и на 4 km за жени, мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг и шах. Кросот во Скопје се одржа на патеката на кејот на реката Вардар, а останатите дисциплини на терените на воениот стадион во Скопје.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.