Командантот на силите на САД за Европа и Африка, генерал Кристофер Каволи, во рамките на својот престој во Република Северна Македонија, денес имаше работна посета во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
По пречекот во Министерството и Генералштабот, генералот Каволи оствари издвоени состаноци со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на кои присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, како и дел од клучниот персонал од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
На состанокот со началникот на Генералштабот и дел од армиските генерали, на генералот Каволи му беа презентирани активностите кои се однесуваат на процесот на нашата потполна интеграција во НАТО, ангажманот во мировните операции предводени од НАТО, но и ангажирањето кое го има Армијата во справување со мигрантската криза и асистенција на институциите во справување со „Ковид 19“, како и подготовката за потполна оперативна способност на нашиот најголем деклариран состав, лесната пешадиска баталјонска група.
Во тој контекст стана збор за зајакнување на меѓусебната соработка и учеството во тековните вежбовни активности предводени од Командата на силите на САД за Европа и Африка меѓу кои е вежбата „Одлучен удар 21“, како дел од „Defender Europe 21“ и заедничките инженериски активности на АП „Криволак“ кои ги подобрија капацитетите на полигонот за изведување на големи вежбовни активности.
Од страна на генералот Каволи со пофални зборови беше истакнат интензивниот интегративен прогрес кој го спроведува Армијата на Република Северна Македонија по полноправното членство во НАТО, притоа потенцирајќи дека ова е резултат на претходната одлична подготвеност и залагање пред НАТО членството.
Генералот Ѓурчиновски на состанокот искажа благодарност за континуираната поддршка од Вооружените сили на САД преку која со изведување на заедничката обука и вежби предводени од оваа команда, нашите единици и припадници ги зајакнуваа своите способности и ја постигнаа интероперабилноста според стандардите на НАТО. Притоа истакна дека во понатамошниот период покрај опремувањето и извежбувањето, од страна на Генералштабот ќе се посвети особено внимание на персоналниот менаџмент со кој ќе се овозможи целосна интероперабилност во командувањето и извршувањето на НАТО процедурите и постапките.
На состанокот со министерката Шекеринска генералот се информираше дека воената интеграција на Северна Македонија во НАТО се одвива според планот и се очекува да заврши до крајот на оваа година. Таа се заблагодари за ангажманот на инженериската единица на Армијата на САД во подготовката на полигонот Криволак за вежбата „Одлучен удар 21“ која деновиве се одвива на полигонот. Развојот на Криволак е заедничка цел, на која Армијата на Северна Македонија и Армијата на САД работат сојузнички – рече министерката.
Членството на Северна Македонија во НАТО и отворањето на преговорите со Европската унија се од клучно значење за безбедноста и стабилноста во регионот – беше речено на средбата.
На средбата стана збор за важноста на развивањето на регионалната соработка меѓу сојузниците и за потребата од што побрзо разрешување на разликите во рамките на евро-атлантското семејство како дел од посветеноста на заедничката безбедност.
Како позначајни активности од заедничката богата соработка во вежбовните активности во оваа година се истакнува вежбата „Одлучен удар 21“, како и претходно „Trojan Footprint 21”, но и заедничките инженериски активности како дел од големата вежба на територијата на Европа „Defender Europe 21“ предводена од Армијата на САД, дизајнирана да изгради подготвеност и интероперабилност помеѓу САД и сојузничките армии чиј фокус е градење оперативна подготвеност и интероперабилност со сојузниците на НАТО.