Началникот на Генералштабот (НГШ) на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, од денес претстојува во дводневна официјална посета на Армијата на Чешката Република. Тој денес во Прага беше дочекан со високи воени почести од НГШ на Армијата на Чешката Република, генерал-потполковник Петр Павел.
На средбата во ГШ на Чешката Армија беше разгледана билатералната воена соработка, размена на искуствата од мисиите предводени од НАТО, како и обуката и подготовката на декларираните сили за борбената група за ЕУ. Од страна на генералот Павел беше понудена можност за обука на стручен персонал за одржување на модернизираните борбени хеликоптери на АРМ, како и проширување на соработката со АРМ на полето на логистичкото обезбедување.
Генералот Котески нагласи дека соработката со Чешката Република се движи во нагорна линија и дека таа во наредниот период ќе се интензивира во повеќе области. Средбата беше искористена на домаќините да им се понуди Армискиот полигон ,,Криволак“ за потребите на Чешката Армија, како полигон кој овозможува обука според стандардите на НАТО.
За време на посетата во Прага, генералот Котески ќе оствари средба со Министерот за одбрана на Чешката Република, Властимил Пицек, а ќе го посети и Центарот за обука во летање, каде ќе биде презентирана обука во летање и современ симулационен центар во Пардубице.
АРМ и Чешката Армија имаат развиено добра билатерална воена соработка, која со оваа посета ќе се интензивира и ќе даде придонес кон евро-атланските интегративни процеси на Република Македонија на полето на одбраната.Чешката Република во февруари годинава, ја призна Република Македонија под уставното име, за што на средбата во Прага, генералот Котески упати благодарност.