Во рамките на повеќедневната посета на САД и Вермонт, НГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, вчера 15-ти јули оствари средба со својот домаќин Командантот на Националната Гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј и имаше заеднички разговори со штабот на Националната Гарда.
За време на средбата НГШ на АРМ и генералот Креј го искажаа заедничкото задоволство од досегашната соработка, особено во делот на обуката и реализираните вежби, како и од заедничкото распоредување во мисијата ИСАФ во Авганистан.
Генералите ја искажаа потребата од проширување на соработката и на регионално ниво, истакнувајќи ја можноста од реализација на заеднички вежбовни активности на армискиот полигон Криволак помеѓу армиите на земјите на САД – Јадранската повелба и нивните партнери националните гарди на сојузните држави на САД.
Во делот на операциите, посебен акцент беше даден на учеството и статусот на мисијата ИСАФ во Авганистан, каде се отвора нова можност за заедничка соработка и учество со тимови за асистенција и обука во пост ИСАФ мисијата „Решителна поддршка во Авганистан“.
На состанокот, Генералот Креј ја истакна подготвеноста капацитетите за обука и едукација на националната гарда на Вермонт да бидат на располагање и за припадниците на Армијата на Република Македонија.
Посетата на Вермонт продолжува во текот на денешниот ден во Монтпелиер каде НГШ на АРМ ќе оствари средби со заменик гувернерот Фил Скот, членовите на Комитетот за безбедност на парламентарниот дом на Вермонт, а ќе го посети и Центарот за менаџмент со кризи.