Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски кој се наоѓа во дводневната официјална посета на Босна и Херцеговина, денес во Сараево оствари официјални средби на највисоко ниво со Началникот на здружениот штаб на вооружените сили (ВС), министерката за одбрана на Б и Х и командантот на мисијата ЕУФОР-Алтеа.
Најпрвин по пречекот со високи воени почести, во домот на ВС на БиХ оствари средба со началникот на здружениот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-полковник Анто Јелеч.
Главни теми на официјалната средба беа унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, разгледување на можностите за проширување на меѓусебната воена соработка и заедничкиот придонес на двете армии во проектите за регионална соработка.
Генералите Величковски и Јелеч за време на средбата посебно ја истакнаа важноста на регионалните безбедносни иницијативи кои имаат особено значење не само за двете земји туку и за целиот регион, особено во случај на природните катастрофи и предизвиците од миграциската криза.
Помеѓу другото за време на состанокот беше констатирано дека е потребно да се изнаоѓаат приоритетите за зајакнување на меѓусебната воена соработка во остварување на заедничките стремежи кон полноправно членство во евроатланските интеграции.
По разговорите со делегацијата од ГШ на ВС на БиХ, генералот Величковски оствари средба со министерката за одбрана на Босна и Херцеговина, Марина Пендеш, на која беше констатирана одличната соработката на полето на одбраната помеѓу армиите на двете земји, при што се нагласија досегашните облици на соработка во областа на военото образование како што се школувањето на питомци од БиХ на Воената Академија во Р. Македонија, заедничките вежби и курсеви.
За време на престојот во Сараево македонската воена делегација го посети и кампот Бутмир, при што се сретна со припадниците од АРМ кои се во состав на меѓународната мировна мисија „ЕУФОР-Алтеа“, а генералот Величковски оствари состанок со командантот на мисијата генерал мајор Антон Валднер.
На средбата со командантот на мисијата се разговараше за учеството и придонесот кој го дава Република Македонија во оваа мисија на Европската Унија во која АРМ учествува од 2006 година со повеќе контингенти во различни состави.
На денешните средби на македонската воена делегација присуствуваа и Н.Е Александар Крстевски, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Босна и Херцеговина и нерезидентното воено аташе на Р. Македонија полковник Дончо Кузманов.
АРМ со вооружените сили на Босна и Херцеговина од самото нејзино формирање во 2006 година има развиено одлична билатерална воена соработка, која се одвива на повеќе полиња како што се: образованието, обуката, вежбите, воено-медицинската обука и друго.
За време на престојот во Босна и Херцеговина, армиската делегација ќе се поклони пред споменикот на загинатите 11 припадници на АРМ кои животот го изгубија по враќањето од мисијата Алтеа, како и пред спомен обележјето на местото на загинувањето на претседателот Борис Трајковски во Ротимље.