Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, во придружба на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, во текот на денешниот ден ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија задолжени за обезбедување на јужната граница во реонот на граничниот премин „Меџитлија“.
На караулата „Меџитлија“ на македонско-грчката граница, Претседателот Иванов, од страна на припадниците на АРМ се запозна со актуелната безбедносна ситуација на овој дел од државната граница, како и за подготвеноста на АРМ за извршување на доделените задачи во спречување на нелегални минувања на јужната граница, ангажираните сили и средства и начините на делување во наредниот период.
Претседателот Иванов во неговото обраќање за медиумите изрази признание на припадниците на АРМ за ангажирањето на границата. Тој меѓу другото изјави: Како што е познато од јуни 2015 до јуни 2017 прогласивме кризна состојба заради заканите од илегална миграција која доаѓа од страна на нашиот јужен сосед. Нашите припадници на армијата го контролираат теренот и предвид ги имаат сите можни предизвици кои може ние да ги имаме како земја од илегалната миграција. Припадниците на армијата ме информираа за сите нивни досегашни зафати и се што е преземено да се превенира и спречува илегална миграција. Иако најголемиот удар го имаме на граничниот премин кај Гевгелија и Дојран, сепак и тука во текот на изминативе месеци имало околу 240 обиди за илегално преминување на нашата државна граница.
Дневно ги следиме сите настани што се случуваат околу договорот меѓу ЕУ и Турција, ја следиме состојбата и во соседните држави, но исто така нашите служби информираат за настаните на боиштата од каде доаѓа најголем дел од илегалната миграција. Може да се каже дека досега превениравме и презедовме се што е наша улога, како држава покажавме дека го чуваме коридорот кој беше еден од најфреквентните на илегалната миграција за мигрантите да стигнат до европските земји и благодарни сме на меѓународните полициски сили што се присутни на граничниот премин „Меџитлија”. Очекуваме дека може да се случи, а за тоа има најави и сознанија, дека е можен втор миграциски бран и во таа функција е и оваа посета, да ги превенираме и видиме нашите капацитети за да можат сите субјекти на кризниот менаџмент да преземаат мерки кои се предвидени во услови на кризна состојба.