Припадниците на Армијата кои учествуваа во хуманитарната спасувачка операција во Туркије, денес по нивното враќање во касарната „Илинден“, ги поздравија и им се заблагодарија за нивниот ангажман, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорот на Република Туркије во Северна Македонија, г. Хасан Мехмет Секизќок.
На пречекот од страна на присутните најпрвo со едноминутно молчење се оддаде почит на изгубените животи и огромниот број на жители од сојузничка Туркије, кои останаа без своите домови во катастрофалните земјотреси.
На армиските припадници, кои настојуваа на секој можен начин да помогнат и кои сите овие денови ја носеа и нашата надеж дека во текот на пребарувањето ќе бидат спасени што повеќе човечки животи, им се обратија амбасадорот Секизќок, министерката Петровска и претседателот Пендаровски.
Амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, г. Хасан Мехмет Секизќок заблагодарувајќи се за ангажманот истакна „Храбри чеда на македонската армија, вие пред скоро време се вративте во земјава, но вашата пожртвуваност и огромна солидарност е врежана длабоко во меморијата на турскиот, народ кој ќе се сеќава вечно“.
„Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да им помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја.“ – рече Петровска пред припадниците на баталјонот за специјални намени.
Претседателот Стево Пендаровски, им се заблагодари на припадниците за нивната храброст, професионалност и доследно извршување на задачите во пребарување, пронаоѓање и спасување на настраданите и рече дека нашата армија беше меѓу првите пет кои пристигнаа на лице место практично 24 часа по земјотресот.
На шести февруари, по серијата силни земјотреси кои ги погодија југоисточните делови на Туркије, веднаш по сознанијата за оваа апокалиптична трагедија, на предлог на Армијата и Министерството за одбрана, на вонредната седница на Владата беше одобрено испраќање на армиски тим за пребарување и спасување, составен од 22 припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи на службени кучиња, со две кучиња од Центарот за обука и дресура.
Веќе утредента тимот армиски припадници обучени за спасување и пребарување беше упатен во хуманитарната операција во Каранманмараш, една од најмногу погодените области од катастрофалните земјотреси, подготвен да помогне без задршка, како што тоа го правеше многупати досега и дома.
Нашите припадници, благодарејќи на одличната координација и помош од Амбасадата на Туркије, веќе истиот ден пристигнаа во вечерните часови подготвени да го отпочнат ангажирањето. На 9 февруари им се придружи и вториот армиски тим составен од 36 припадници.
За време на ангажманот, нашите припадници професионално ги извршуваа задачите употребувајќи го целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и настојувајќи на секој можен начин да пронајдат во рушевините евентуално преживеани, при што најголемата радост ја доживеаја со учеството во успешно изведеното извлекување и спасување на животот на петгодишно дете.
Нашите армиски тимови заедно со сите други од Република Северна Македонија, како дел од мобилизираната меѓународна заедница и покрај отежнувачките околности, покажаа дека само со обученост, одлучност, обединетост и солидарност може да се надминат вакви катастрофи.