Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски придружуван од Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ги посети припадниците на баталјонот за воено-медицинска поддршка.
По прогласување на пандемијата на вирусот COVID-19, персоналот на центарот активно се вклучи во поддршка на вработените во јавните здравствени установи. На барање на министерството за здравство во март, тим на Воено-медицинскиот центар ја постави маневарската болница пред платото на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел да се зголемат капацитетите во случај на наплив на пациенти со COVID-19.
Воено медицинскиот персонал од оваа единица е ангажиран во Центарот за јавно здравје и во ГОБ „8 Септември“. Командантот на оваа единица, полковник Ирена Минева го информираше претседателот Пендаровски дека тимот којшто е ангажиран за потребите на ГОБ „8 Септември“ е составен од искусни медицински техничари кои работеле во поранешната Воена болница. Тие веднаш биле распоредени на одделот за интензивна нега и во шок соба, каде се сместени најтешко болните пациенти со COVID-19.
При посетата претседателот Пендаровски преку видео врска оствари разговор со постар водник прва класа Фатиме Мустафовска, којашто е дел тимот ангажиран во ГОБ „8 Септември“ и која до трансформацијата на Воената болница, работела на хируршките одделенија. Притоа, истакнувајќи дека работата со тешко болни пациенти е многу специфична, претседателот Пендаровски порача:
„Ни останува да веруваме дека кризата со пандемијата на вирусот COVID-19 наскоро ќе заврши и дека здравствените работници, но и сите што се вклучени во справување со последиците од пандемијата ќе можат да здивнат и да бидат ослободени од стресот и од секојдневниот ризик“.
За работата на единицата, неговата мисија и идните планови претседателот Пендаровски го информираше полковник Минева.
Како земја членка на НАТО, како што рече претседателот Пендаровски, неопходно е воено-медицинскиот центар да биде соодветно екипиран и како и досега да функционира беспрекорно.
Главната мисија на центарот е зачувување и унапредување на здравјето и одржување на борбената готовност на припадниците на Армијата на потребното ниво. Покрај основната мисија, единицата е одговорна за Копнената маневарска болница со Улога 2. Во 2014 година КМБ со Улога 2 беше оценета според НАТО концептот за оценување на оперативни способности и по сите критериуми ги доби највисоките оценки. Исто така, персоналот на воено-медицинскиот центар досега учествувал во повеќе мировни операции, односно „АЛТЕА“ во Сараево, Босна и Херцеговина, во мисиите „ИСАФ“ во Кабул и во Мајмана, Исламска Република Авганистан.