Началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер,денес во касарната „Јане Сандански“ во Штип присуствуваа на презентацијата на новите лесни оклопни возила (ЛОВ) JLTV кои се составен дел од формациските возила на Армијата.
Притоа од страна на вториот пешадиски баталјон беа презентирани ЛОВ од овој вид кои пристигнаа во текот на овој месец и кои ќе бидат во состав на оваа наша единица која е носител на лесната баталјонска група.
Пред присутните гости и припадниците од баталјонот се обратија, началникот на генералштабот, министерката Петровска и амбасадорката Агелер.
Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање истакна дека со ставањето во оперативна готовност на добиените лесни оклопни возила , како и современите средства кои се очекува да пристигнат во понатамошниот период значително се подобрува оперативната способност и борбена готовност на Армијата.
Потсетувајќи дека проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала е започнат во 2019 година. со склучување на Договори помеѓу Владите на Република Северна Македонија и САД, генералот Ѓурчиновски упати благодарност за соработката и поддршката која ја добиваме од нашиот стратешки партнер.
На припадниците од 2 пешадиски баталјон во чиј формациски состав се овие современи борбени средства им одаде признание за досегашните остварени резултати притоа им порача во понатамошниот период со дополнителни залагања да ги достигнат потребните стандарди во обуката и одржувањето на овие средства.
Министерката Петровска пред присутните истакна дека почитта и љубовта кон државата се покажува со инвестициите во одбраната и во опрема и во вооружување, но и во човечки капитал. „ Денес зборуваме и планираме набавки на лесни оклопни возила, нови оклопни транспортери, нови системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи, нови хеликоптери и многу современо вооружување“ рече министерката.
Министерката порача дека продолжуваат инвестициите и во опрема, но и во човечки капитал и најави дека наскоро ќе започнат консултациите за новите измени во Законот за служба во Армијата кои дополнително ќе го подобрат стандардот на армиските припадници.
Амбасадорката Агелер им честиташе на началникот на генералштабот, министерката за одбрана и граѓаните за набавката на овие возила кои се значајни за интероперабилноста во НАТО и за процесот на модернизација.
По обраќањата, пред посетителите се реализира и кратка показна вежба на која се презентираа можностите на овие најнови и најсофистицирани оклопни возила на Армијата. Тие се дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата со различни високософистицирани возила и опрема. Досега, во два наврати во Армијата пристигнати се вкупно 32 возила од овој тип.
На денешната активност присуствуваа членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, претставници од Владата на Република Северна Македонија, генералштабот и министерството за одбрана.
Лесните оклопни возила JLTV се дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите.