Успешна реализација на НАТО работилницата „Регионален тим за заштита на животната средина“, која се одржува во период од 5 до 9 ноември во Република Македонија, на денешното отворање во Домот на АРМ, на учесниците им посакаа претставникот од НАТО-SHAPE, потполковник Дејвид Бурбриџ и началникот на Ј9/ГШ на АРМ, полковник Ванчо Шонтевски.
По воведот во НАТО политиката и доктрината за заштита на животната средина, учесниците на работилницата продолжуваат со теоретска и практична синдикална работа во касарната „Илинден“ и на АП „Криволак“.
Oваа работилница, која се реализира во партнерство со НАТО, претставува одлична можност за сертифицирање на учесниците со „НАТО курс за заштита на животната средина“. Реализацијата на овој курс ќе помогне во подобрување на заедничкото управување со животната средина на нашите воени полигони за обука при националната и мултинационалната обука, заштитувајќи ги нашите национални ресурси.
На работилницата, покрај предавачите од Командата на САД за Европа, Врховна команда на сојузничките сили на НАТО ќе учествуваат и слушатели од Македонија, Албанија, Хрватска, Романија, Црна Гора и Косово.