Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје денеска го одбележа почетокот на новата академска година со традиционалниот прв академски час за новата генерација питомци, на кој присуствуваа Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, деканот на Воената академија, полковник проф. д-р Ненад Танески, командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини и професори и командири.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на новата генерација питомци им посака успешен почеток на академската година, нагласувајќи дека изборот на офицерската професија значи определба за одговорна служба кон државата и нејзините граѓани.
Во своето обраќање, тој истакна дека пред новите питомци претстои период исполнет со образование, воена обука и напорна работа, но и со градење на офицерскиот карактер – интегритет, дисциплина, одговорност и одлучност.
Посебен поздрав беше упатен до питомците од Босна и Херцеговина, кои оваа академска година се дел од семејството на Воената академија, при што беше истакнато значењето на заедничката подготовка, интероперабилноста и градењето на заемната доверба и соработка.
Во рамките на првиот академски час, генералот Лафчиски им ги врачи индексите на новите питомци и им посака успех и истрајност во совладувањето на предизвиците што ги очекуваат.
Со почетокот на новата академска година, новата генерација питомци го започнува патот кон стекнување на знаења, способности и вредности потребни за идната офицерска професија и успешно извршување на задачите во Армијата.








