Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, денес учествува на осмата Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од балканските земји, која се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
На конференцијата во Сараево, која ја отвори заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Живко Марјанац, покрај началникот на заедничкиот штаб на Вооружените сили на Босна и Херцеговина генерал-мајор Анто Јелеч, како домаќин, учествуваат и началниците на генералштабови од осум земји од Балканот и тоа: Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Црна Гора. Покрај началниците на генералштабови од армиите на балканските земји, како гости присуствуваат: началникот на генералштабот на Вооружените сили (ВС) на Словенија, заменикот на НГШ на ВС на Хрватска, Претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, заменикот на Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, командантот на ЕУФОР и командантот на НАТО штабот во Сараево.
На осмата конференција на началниците на генералштабовите на балканските земји, НГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, ги презентираше капацитетите и можностите на Центарот за обука на пилоти што наиде на голем интерес од страна на началниците на генералштабовите на балканските земји за користење на овој центар.
Покрај ова се прифати иницијативата за изградба на заеднички способности за дејствување при елементарни непогоди, а беше промовирана и Веб страната на форумот на началниците на генералштабовите на балканските земји www.balkanchodforum.net .
На оваа конференција, се очекува да биде ставен и акцент на понатамошното јакнење на добрите меѓусоседски односи и соработката на полето на одбраната во насока на зацврстување на безбедноста на Балканот и пошироко, како и продолжување на започнатите процеси за взаемно справување со современите безбедносни предизвици, иницирани на претходните конференции.
На маргините од конференцијата, се очекува генералот Котески да оствари повеќе билатерални средби со своите колеги, началници на генералштабови кои учествуваат на конференцијата.
Присуството во Босна и Херцеговина, НГШ на АРМ ќе го искористи и за посета на македонскиот контингент во мисијата АЛТЕА сместен во кампот Бутмир, Сараево.
Одржувањето на балканската конференција на началниците на генералштабови, претставува резултат на иницијативите и заложбите за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот, кои имаат за цел промовирање на мирот и стабилноста на Балканот и пошироко.