Заменикот на началникот на Генералштабот (ЗНГШ) на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, учествува на годишниот состанок на замениците на началници на генералштабови, во рамките на процесот на соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ).
Состанокот кој поради мерките за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19 и оваа година се одржа преку видео телеконференциска врска е отворен од претседавачот на процесот СЕДМ, заменикот на министер за одбрана на Албанија, Петро Кочи и заменик на началникот на генералштабот на хрватските вооружени сили, генерал-потполковник, Синиша Јурковиќ во улога на домаќин.
За време на состанокот се разгледале актуелните безбедносни ризици со кои се соочуваат државите во регионот, предизвиците и последиците предизвикани од актуелната глобална пандемија со КОВИД 19, потребата од заеднички координиран настап при справување со природни катастрофи преку зголемување на соработката и заемната помош меѓу членките на СЕДМ.
Притоа се презентирани позначајните активности во изминатата година на процесот СЕДМ и на СИБРИГ, како дел од овој процес, а на крајот е прифатена заедничката декларација со која се потврдуваат досегашните активности и се одобруваат понатамошните планирани активности, меѓу кои се вежбата „Седум ѕвезди 21“ и активностите на бригадата за југоисточна Европа.
Во годината во која се одбележува 25-годишнината од потпишувањето на Договорот за СЕДМ, со декларацијата се констатира дека процесот СЕДМ, како регионална рамка на соработка меѓу земјите од ЈИЕ, претставува успешна приказна за развој и позитивен придонесувач за регионалниот и светскиот мир и безбедноста.
СЕДМ процесот првпат беше инициран од Соединетите Американски Држави во 1996 година во Тирана, со цел јакнење на разбирањето, политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот со целосна посветеност на принципите на сувереност и територијален интегритет на сите земји членки.
Во СЕДМ иницијативата покрај Република Северна Македонија партиципираат Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Грузија, Италија, Романија, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Хрватска и Црна Гора, а Молдавија има статус на набљудувач.
Нашата држава од минатата година е домаќин на командата на бригадата за југоисточна Европа – СЕЕБРИГ.