Во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје со пригодна свеченост се реализираше примопредавање на должност командант на Центарот за обука на питомци (ЦОП) во Командата за обука и доктрини (КОД). Должноста командант на ЦОП од потполковник Игор Јанкулоски ја прими потполковник Неџати Голак. Потполковникот Неџати Голак досега ја извршувал должноста како извршен офицер во Кабинетот на заменик-началникот на Генералштабот на Армијата.
Началникот на штаб на КОД, полковник Лулзим Нуредини, му упати искрени честитки за досегашното раководење со единицата на потполковникот Игор Јанкулоски, како за постигнатите резултати заедно со персоналот, така и за напорното вложување за едукација на идните офицери на Армијата. На новиот командант му посака успех во реализацијата на поставените цели како командант на ЦОП.
Во своето обраќање досегашниот командант на ЦОП се заблагодари на целокупниот персонал за несебичното залагање во градење и унапредување на единицата, за извршувањето на поставените задачи и предизвици во исполнување на мисијата на единицата.
Потполковникот Неџати Голак во својот говор истакна дека своето богато искуство стекнато во текот на 21-годишната кариера ќе го искористи во унапредувањето на обуката и животот и работата во ЦОП, заедно со старешинскиот персонал во единицата, со цел усовршување на идните офицери на Армијата.
На денешната свеченост присуствуваа началникот на Штаб на КОД, командантите на потчинетите единици на КОД, претставници од Министерството за одбрана и претставници од единиците на Армијата.
На крајот од свеченоста, се изврши и церемонијално примопредавање на военото знаме помеѓу стариот и новиот командант на Центарот за обука на питомци.
С/Г