Согласно годишниот план за обука на питомците од Центарот за обука на питомци и офицери кои се на школување на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во составот на Командата за обука и доктрини во изминатиов период се реализираа неколку активности. Наставните групи имаа различна активност и тоа дел од нив реализираа програмска активност „Логорување 2“ на армискиот полигон „Криволак“, а воедно таму и се реализираше и Курсот за командири на водови со питомците од четврта година. Додека пак со питомците од втора наставна група во центарот за обука на вода „Радожда“, Охрид, се реализираше програмската активност „Обука во летни услови и пливање“.
За време на Логорувањето питомците извежбуваа тактички постапки и ги извршија предвидените подготвителни гаѓања. За крај на реализација на активноста се реализираше и Командирско гаѓање со одделение каде што користејќи ги процедурите на трупно водење и вешто комбинирање на огнот и маневарот, питомците успешно ја завршија задачата и докажаа дека активно се подготвуваат за преземање на нивните први командирски должности.
Питомците од четврта година на ККВ успешно ги совладаа дадените задачи. Се запознаа со средствата со кој располага Армијата и практично ги покажаа стекнатите знаења во процесот на обуката. Завршниот дел од курсот го заокружија со успешна реализација на вежбата на која беше прикажано механизиран пешадиски вод во напад.
Со реализација на практичната настава питомците имаат можност во целост да ги надградат и утврдат веќе стекнатите теоретски знаења и да се стекнат со самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.
Во центарот за обука на вода „Радожда“ со питомците од втора наставна група се реализираше обука во летни услови. Целта на оваа активност беше питомците да се запознаваат и да ги усовршат техниките во пливање со и без униформа, премин на водени препреки со формациски и прирачни средства, нуркање, скокови во вода, подготовка и пловење со гумен чамец, веслање и изведување на тактички операции од вода. Активноста беше завршена со успешно изведување на тактичка вежба, во која користејќи ги процедурите на трупно водење, во комбинација со совладаните наставни содржини, докажаа дека практичната настава има значајна улога во оспособување на питомците за конкретните должности во единиците на Армијата.
В/Ц