Денес, во Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ Велес, се реализираше Свечена заклетва на новопримените професионални војници на служба во Армијата.
На денешната свечена заклетва на професионалните војници присуствуваа: Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, команданти на командите и единиците на Армијата и роднини и пријатели на новопримените професионални војници.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, во своето обраќање, им честиташе на изборот и одлучноста да се приклучат во Армијата и да бидат дел од институцијата, а воедно им порача дека војничката професија не е лесна и е исклучително одговорна и дека за време на тримесечната обука ќе поминат низ процесот на основната обука што преставува првото и клучно скалило кое овозможува влез во војничката кариера.
На професионалните војници им се обрати и командантот на Центарот за индивидуална обука, мајор Садат Фера, кој напомена дека професионалните војници на овој свечен чин дадоа заклетва дека ќе ги извршуваат обврските и должностите како бранители на суверенитетот и територијалниот интегритет на својата татковина и воедно им посака успешно совладување на содржините од предвидената обука.
Во периодот што следува, новопримените професионални војници ќе поминат низ процес на обука при што ќе се соочат со совладување на теми од основната и стручно специјалистичка обука се со цел професионално и одговорно извршување на идните задачи и должности.
С/Г