Со воена свеченост во Командата за обука и доктрини, во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, денес свечена заклетва дадоа 292 новопримени професионални војници на служба во Армијата, од кои 28 се припаднички на понежниот пол.
На денешната свечена заклетва на професионалните војници присуствуваа: заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага, заменик началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Кабинетот на претседателот, команданти на командите и единиците на Армијата и роднини и пријатели на новопримените професионални војници.
Заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, посакувајќи им успешен професионален развој на новопримените професионални војници им порача дека со чинот на давање заклетва се приклучуваат на професионалниот состав на Армијата за верно, посветено и пожртвувано служење на нашата земја, а носењето на униформата на Армијата претставува синоним за одговорност, пожртвуваност, посветеност и лојалност кон татковината. Воедно изрази уверување за целосна посветеност во процесот на обуката и постигнување на високи резултати во совладувањето на наставните содржини.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански во својот говор истакна дека војничката професија претставува огромна жртва, голема одговорност, но исто така и огромна чест. Исто така напомена дека носењето униформа на земја членка на НАТО Алијансата е дополнителна одговорност и исклучителна привилегија активно да се учествува во градењето и јакнењето на системот на колективната одбрана и безбедност, по што им честита и им порача дека тие се столбот врз кој се базира силата на Армијата.
На професионалните војници им се обрати и заменик-командантот на Центарот за индивидуална обука, капетан Лазар Хаџиев, кој напомена дека главен предизвик во наредните три месеци ќе биде совладувањето на предвидените содржини од обуката.
Во наредниот период новопримените професионални војници ќе се соочат со предизвици кои се дел од основна борбена обука, а воедно ќе се оспособат со ракување со личното вооружување и опрема и правилно применување на тактиките, техниките и процедурите при извршување на борбени задачи.