Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваше на воената свеченост во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, на која 108 граѓани на доброволно служење на воениот рок свечено се обврзаа да и служат на татковината.
Пред војниците од триесет и деветтата генерација кои доброволно го отслужуваат воениот рок свое обраќање имаа заменик на министерот за одбрана, Беким Максути и командантот на центарот за индивидуална обука, потполковник Мухамед Ибраими.
Во своето обраќање кон војниците меѓу кои има и 10 припаднички на женскиот пол, заменикот министер, Максути во контекст на дадената заклетва, им порача дека самиот чин на доброволното пријавување за служба во Армијата е чин кој заслужува почит и поддршка од секого. Притоа истакна дека за време на отслужувањето на тримесечниот период министерството и армијата ќе овозможат војниците да ја засакаат уште повеќе воената професија и да ја продолжат својата кариера во редовите на Армијата.
Потполковникот Ибраими обраќајќи се кон родителите на војниците кои присуствуваа на свеченоста порача дека треба да бидат горди на своите синови и ќерки кои со достоинство ја прифатија одговорноста да и служат на татковината во редовите на Армијата.
На свеченоста присуствуваше и државниот секретар во министерството за одбрана, Драган Николиќ, командантот на командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, командантот на командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи-Јанев, претставници од Министерството за одбрана и генералштабот на Армијата, командите и единиците на Армијата, локалната самоуправа и родители, роднини и пријатели на војниците.
Обуката на војниците на доброволно служење воен рок се реализира во период од три месеци во Центарот за индивидуална обука, кој е во рамките на Командата за обука и доктрини на Армијата на Северна Република Македонија.