Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес се реализираше воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок од генерацијата „Јуни 2017 година“.
Триесет и втората генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок брои 54 војници од кои 10 се припаднички од понежниот пол.
На свеченоста присуствуваа: Министерката за одбрана на Република Македонија, г-ѓа Радмила Шекеринска, Заменик на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, Државниот секретар во Министерството за одбрана, г-дин Драган Николиќ, Командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески и Началникот на штаб во Здружената оперативна команда, бригаден генерал Азим Нуредин, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
„Да се биде дел од одбраната на својата татковина е обврска на секој, но доброволно да се пристапи кон одбраната е чин достоен за сите пофалби и треба да ја добие секоја почит и поддршка“, истакна министерката за одбрана г-ѓа Радмила Шекеринска. Заменик на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Газменд Абдиу во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката.
По завршеток на свеченоста министерката за одбрана изврши обиколка на дел од капацитетите на КОД при што се запозна со процесот на планирање, организирање и реализација на симулациски вежби во Центарот за симулации во Командата за обука и доктрини.