Денес во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одбележа 11 март, Денот на Центарот за резервни сили (ЦРС), во Командата за обука и доктрини (КОД).
На свеченоста присуствуваа командантот на КОД полковник Васко Коколански, команданти на единици во Армијата и поранешни припадници на ЦРС.
Во своето обраќање, командантот на единицата, полковник Ќиро Калков истакна дека иднината на нашата одбрана лежи во изградба на мала, мобилна и ефикасна сила, способна да се справи со предизвиците на новото време, а вниманието на центарот ќе биде насочено кон процесот на формирање на резервните сили и сите потенцијали ќе бидат насочени за исполнување на поставените задачи и обврски.
Командантот на КОД, полковник Васко Коколански, во својот говор најпрво им честиташе за постигнатите резултати во процесот на трансформација, а воедно им посака добро здравје и успех во понатамошната работа.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата и беа прочитани честитки за Денот на единицата.
11 март е одреден за Ден на резервните сили на Армијата, како датум со кој се одбележува преземањето на првата караула „Рамна Нива“ во Крива Паланка.