Во Центарот за индивидуална обука заврши Курсот за прв подофицер во чета. Овој курс е дел од годишната програма за обука на Командата за обука и доктрини за 2015 година и истиот успешно го завршија 15 (петнаесет) подофицери припадници на Армијата на Република Македонија, меѓу кои и една припадничка од понежниот пол.
Целта на курсот е слушателите да се запознаат со должностите и одговорностите на првиот подофицер во чета. Преку процесот на обуката за време на курсот, подофицерите – слушатели се стекнаа со знаења за: реализација и надгледување на индивидуалната обука во единицата и развивање на програмата за обука, спроведување на персоналниот менаџмент и администрацијата во единицата, развој на програмата за подобрување на лидерството, запознавање со концептот за професионален развој на подофицери во АРМ, мотивирање на потчинетите, справување со стрес и стресни ситуации, дисциплината и моралот во единицата, регулирање на административните, персоналните и други прашања поврзани со војниците и подофицерите.
Исто така, за време на обуката подофицерите се здобија со знаења од областа на меѓународното хуманитарно право и законот за вооружен конфликт, структурата на НАТО, НАТО графиците и симболите, како и за мировните операции.
За успешно завршена обука на курсот подофицерите добија сертификати со кои имаат можност во иднина да бидат поставени на должноста прв подофицер во чета.