Денес, 04.11.2016 година во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” – Велес се реализираше воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Октомври 2016 година“.
Ова е јубилејна триесетта генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок. Заклетва дадоа 103 војници, од кои 9 се припаднички од понежниот пол.
По повод свеченоста, на заклетвата присуствуваа: Заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, Заменикот командант на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, претставници од верските заедници, роднини на војниците како и други гости. Во своето обраќање Заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во наредните три месеци во редовите на АРМ. Тој посочи дека воената професија е предизвик, чест и гордост за сите амбициозни млади луѓе и дека нивната мисија е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина. Меѓу другото, беше истакнато дека досега голем број војници кои ја поминале обуката во Центарот за индивидуална обука ја имаат одбрано оваа професија и веќе се на служба во Армијата на Република Македонија.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковник Газменд Абдиу во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Особено внимание ќе се посвети на нивното оспособување во ракување со личното вооружување и опрема, правилна примена на техниките, тактиките и процедурите при извршување на задачите во сите услови. Знаењата кои ќе ги стекнат за време на обуката и нивната посветеност секако дека понатаму ќе бидат вреднувани и ќе бидат еден од елементите за сите оние кои ќе ја изберат војничката професија како решение за својата иднина.