Денес, припадниците на Баталјонот за врски, во касарната „Илинден“- Скопје, со воена свеченост го одбележаа 21 октомври – Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, претставници од Генералштабот на Армијата, од Командата за операции, останатите команди и единици во Армијата, како и поранешни команданти на полкот и баталјонот за врски.
Во своето обраќање, командантот на Баталјонот за врски, потполковник Зоран Христов се наврати на традицијата на баталјонот, кој е наследник на трансформираниот полк за врски, нагласувајќи ја важноста на единицата во обезбедување на комуникациско-информациска поддршка на командите и единиците во Армијата. Истакна дека во современите услови, владеењето со информациите е од непроценливо значење и оттаму баталјонот работи под мотото „ИНФОРМАЦИЈАТА Е МОЌ“.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, во своето обраќање го истакна значењето и важноста на Баталјонот за врски во функцирањето на командите и единиците во Армијата и дека баталјонот има значајно место и улога во градењето на капацитетите и способностите на Армијата.
Во рамките на одбележувањето на Денот на единицата, беа реализирани повеќе активности, меѓу кои крводарителска акција во соработка со Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, хуманитарна акција со донација на прехранбени продукти и средства за хигиена на социјално загрозени семејства во општина Сопиште, како и спортски натпревари.
По повод Денот на единицата беа примени многубројни честитки и беа доделени стимулативни мерки од началникот на Генералштабот на Армијата, командантот на Командата за операции и командантот на Баталјон за врски.