Во склоп на редовните годишни плански активности за обука на единиците, на АП „Криволак“ се реализира гранатирање, ракетирање и бомбардирање (ГРБ) со хеликоптери од типот Ми-8 од составот на воздухопловната бригада (вбр).
ГРБ-то беше изведено со ненаведувани ракети со кои што се гаѓаат цели на земја. Активноста се изведува како дел од редовната обука на пилотите, а воедно и стекнување на поголемо искуство.
Пред реализација на ГРБ пилотите најпрвин изведуваат теоретска обука, по што следува фиктивно ракетирање и гаѓање и на крај се пристапува кон изведување на боево ракетирање и гаѓање.
Активноста се изведува под надзор на искусни пилоти кои учествуваат во целиот процес на планирање и изведување на гаѓањето. Имено, на денешното гаѓање присуствуваа и командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милевски, командантот на вбр, полковник Роберт Малезански, началникот на штаб во вбр, полковник Зоран Илиев и началници на секции во вбр.
По завршеток на гаѓањата се анализира целиот процес и се извлекуваат заклучоци и научени лекции од активноста.