Од 03.09. до 06.09.2019 година во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје се реализираше шестата НАТО регионална работилница за вежбата „REGEX 19“ на која учество зедоа претставници од 20 партнерски земји како и од Здружената команда на НАТО од Неапол.
Воведно обраќање имаше директорот на вежбата, полковник Звонко Мајсторски кој ги поздрави присутните и им се заблагодари за големиот одзив за учество на активноста, а потоа офицерот од примарна одговорност потполковник Драган Павловски ги презентираше информациите за моменталната состојба на планирачкиот процес и предвидените активности на работилницата која претстои.
За време на работилницата се реализираа повеќе активности меѓу кои: работа по синдикати во однос на планот за вежбата (EXPLAN), оперативниот план (OPLAN), финализирање на целите на вежбата и на обуката (Exercise and Training objectives) со претставниците на партнерските земји и претставници од Здружената команда на НАТО за мултинационалната вежба „REGEX 19“. Воедно се реализира дефинирање на листата на главни настани и инциденти за вежбата, дефинирање на листата на учесници во фазата на извршување од страна на земјите учеснички, како и развивање и дефинирање на сценариото – модул 5 и 6.
Покрај работните обврски, претставниците на земјите учеснички кои присуствуваа на оваа работилница имаа можност да се запознаат со културните знаменитости на градот Охрид, каде го посетија Музејот на вода во заливот на коските и манастирскиот комплекс Св. Наум.
На крајот на работилницата директорот на вежбата и претставникот од НАТО им се заблагодарија на учесниците на работилницата за нивното залагање притоа најавувајќи ја следната фаза од планирачкиот процес за вежбата – тренинг на клучниот персонал и реализација на вежбата во период од 08 до 18.10.2019 година во Центарот за симулации во Велес.
ДД/ЧС/БН