На терените на Шар Планина и Бистра, во зоните на одговорност на 1.пешадиски баталјон (1.пб) и 3.пешадиски баталјон (3.пб), согласно годишниот календар за обука беше изведена стручно-специјалистичката обука од предметот „Базирање и исхрана во природа“. Како и секоја година, така и оваа, припадниците на извидувачкиот вод од 1.пб и 3.пб од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) успешно ја реализираа обуката.
Целта на обуката е персоналот практично да се обучи во опстојување во природата, самостојно создавајќи услови за живот и работа, тогаш кога тоа е потребно или во услови кога нема редовно снабдување на единицата со основни намирници за живот. Обуката се изведе преку изработка на објекти за сместување, филтрирање на вода за пиење од незагадените извори со прирачни средства, исхрана, пронаоѓање и користење на артикли од животинско и растително потекло од планините и реките во поширокиот реон на местото за реализација на обуката, како и нивна подготовка за исхрана.
Извидувачите се стекнаа со нови и ги надоградија постоечките способности со потребните техники и вештини, ја зголемија сигурноста и самодовербата во своите можности и практично ја покажаа обученоста и подготвеноста за извршување на обврските и задачите во реални услови, изолирани, без секојдневни средства и намирници за живот и работа.
ГЃ/СН