Во касарната „Народен херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, на 5 јуни 2026 година, беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на припадниците на безбедносните сили од гарнизонот Тетово кои ги загубија своите животи за време на конфликтот во 2001 година.
По тој повод беше организиран помен, а пред спомен-плочата поставена во чест на загинатите херои беше положено свежо цвеќе. Со овој чин припадниците на Армијата од гарнизонот Тетово оддадоа достојна почит кон: постар водник прва класа Исак Руфати и војниците Николче Китанов, Блашко Толев, Влатко Миленковски, Благоја Сиљановски и Пеце Матичевски.
Пред присутните се обрати командантот на гарнизонот Тетово, потполковник Миле Станоевски, кој истакна дека нивната жртва, храброст и патриотизам претставуваат трајна вредност и обврска за сегашните и идните генерации. Тој нагласи дека сеќавањето на припадниците кои ги положија своите животи во одбрана на татковината останува светол пример за посветеност кон државата и нејзините граѓани.
На одбележувањето присуствуваа претставници од: командата на гарнизонот Тетово и Првата пешадиска бригада, претставници на Општина Тетово, здруженија на бранители, воени ветерани и воени инвалиди ,,Братство 2001“, претставници на Сојузот на борци од Тетово и Гостивар, ОРОМ, Сојузот на воени и полициски ветерани, Сојузот на трудови инвалиди од Тетово, Здружението на пензионери од Тетово, Музејот на град Тетово, како и членови на семејствата на загинатите.
Со оддавањето почит на нивниот лик и дело, Армијата ја потврдува својата посветеност кон негување на традициите, зачувување на историјата и достоинствено чествување на оние кои своите животи ги вградија во одбрана на државата.
ГЃ/БИ








