Припадниците на 4.механизиран пешадиски баталјон (4.мпб ) од составот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) го одбележаа денот на загинувањето на народниот херој Чеде Филиповски-Даме, чие име го носи касарната во Кичево.
На свеченоста присуствуваа командантот на 1. мпбр, полковник Драган Ковачки, командантите на единиците од составот на 1. мпбр, претставници на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
Командантот на 4.механизиран пешадиски баталјон, потполковник Горан Трајаноски во својот говор по повод одбележувањето на патронатот на касарната, зборуваше за бурниот животен пат и патешествијата на народниот херој Чеде Филиповски-Даме, за неговата успешна воено-политичка кариера, за човекот кој секогаш се борел за правда, вистина и слобода за својот народ.
Повеќе делегации од Армијата и општествениот живот на градот Кичево положија свежо цвеќе пред бистата на народниот херој Чеде Филиповски-Даме, а игроорци од културно уметничкото друштво „Бисер“ од Кичево го збогатија одбележувањето на патронатот со дел од својата богата културно уметничка програма.
Во рамките на одбележувањето на патрониот ден на касарната се реализираше и тактичко техничкиот збор на кој присутните гости, посебно лицата од помладата популација имаа можност да се запознаат со вооружувањето и опремата со кои располага единицата.
Припадниците на 4.мпб ја продолжуваат традицијата, секогаш оддавајќи почит на оние кои со својата храброст, младост и живот ја пишуваат нашата историја и ја градат нашата иднина.
ЈВ/ГЃ/ПА