Во пресрет на денот на 1.пешадиска бригада, по прв пат оваа година, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, се организираат пешадиски воени игри во единицата.
На отворањето на игрите присуствуваа командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини, командантот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), бригаден генерал Сашко Лафчиски, персонал од командата и штабот на 1.пбр, командантите на баталјони од составот на 1.пбр, военото аташе на САД полковник Мајкл С. Таркинто, потполковник Шон Руфоло од канцеларијата за соработка во одбраната со САД и претставникот од 4.SFAB, капетан Кејси Лук.
Командантот на 1.пбр на учесниците и екипите на игрите им порача дека со овој вид на натпревари покрај натпреварувачките способности се гради и тимскиот дух и работење и им посака успешен настап на сите натпреварувачи и ги прогласи игрите за отворени.
Во текот на четиридневните натпревари 15 екипи ќе се натпреваруваат во дисциплините: воен полигон, полигон за издржливост, полигон со вооружување, употреба на вежбовна рачна бомба (вРОБ), топографски марш со гаѓање под оптоварување, техники на движење по јаже и крос фит полигон.
Денес исто така беа доделени сертификати на младите офицери од составот на 1.пбр и останатите единици од КО кои успешно го завршија циклусот на обука реализиран од страна на персоналот од третиот контингент на 4.SFAB. За успешно спроведената обука и менторирање во единиците на 1.пбр, на припадниците од 4.SFAB им беа доделени сертификати и изразена благодарност за нивното присуство и размена на искуства во 1.пбр.
ГЃ/СЛ