Во кампот „Стрела“ на армискиот полигон „Криволак“, со постројување на дел од припадниците од состав на Лесниот пешадиски баталјон, почитувајќи ги мерките за заштита од „COVID-19“ се одбележа отпочнувањето на едномесечната колективна обука со помош на тим инструктори од Вооружените сили на Обединетото Кралство.
Командантот на Лесниот пешадиски баталјон, потполковник Стојанче Костов се заблагодари на инструкторскиот тим, кој несебично и со голем професионализам ги поддржуваат во процесот на обука се со цел достигнување на потребните стандарди за изведување на операции на лесни пешадиски единици. Притоа истакнувајќи дека само со посветеност и упорност во извршувањето на задачите ќе се создадат добро обучени војници кои ќе можат да одговорат на сите предизвици.
Во периодот кој следи по целосно имплементирање на потребните формациски елементи баталјонот ќе се отпочне со реализација на подготовките за учество на една од најголемите меѓународни вежби планирани на македонско тло, вежбата „Одлучен удар-21“, како и подготовките за оценување на единицата и НАТО оценување на баталјонот по CREVAL (Combat Readiness Evaluation) во месец април 2022 година.
ЈД/ЧС/БН