На ден 26.09.2017 година во командата на тенковскиот баталјон, во касарната Чојлија беше одржан редовниот месечен состанок на Командантот на 1. Механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) со командантите и командирите на потчинетите единица на бригадата.
Во рамките на редовниот месечен состанок, по завршеното реферирање на командантите на потчинетите единици пред командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски за извршените активности во изминатиот месец и за задачите во наредниот месец, со еден вод од тенковскиот баталјон беше реализирана показна вежба на тема „Тенковски вод во одбрана“.
Вежбата беше изведена низ четири работни точки: излегување на тенковскиот вод од очекувачкиот реон во реонот на одбрана, изработка на заклон за тенк со дозерскиот нож од самиот тенк и повлекување на тенковскиот вод на резервниот реон за одбрана со зачадување на боиштето создавајќи чадна завеса со еден од тенковите. Во четвртата точка од вежбата беше вклучен и еден вод од четата за Атомско Биолошка и Хемиска Одбрана (чАБХО) со кој на деконтаминационата станица беше извршено деконтаминација на едно тенковско одделение кое во текот на изведувањето на борбените дејства беше контаминирано со хемиски боеви отрови.
На вежбата присуствуваа, командантот на Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Зоран Милески, командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, заменикот на командантот на 1.мпбр, полковник Марјан Симоновски, началниците на секциите на штабот на 1.мпбр, командантите и командирите на потчинетите единици на 1.мпбр.